Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените“ при посета на Општина Кисела Вода одговорајќи на новинарско прашање за негов коментар за изјавата на холандскиот амбасадор тој посочи дека како ВМРО-ДПМНЕ тоа го зборува подолго време наназад, откако овие две партии се власт.

„Амбасадорот на Холандија го потврди тоа што ние го зборуваме со години наназад, дека не владее правото, дека е партизирано и октроирано судството, се вршат притисоци врз судии, се избираат партиски судии и во судски совет, обвинители се бираат. Сега повторно имаме таков оглас каде набрзина се прават притисоци да се изберат нови судии и обвинители пред одење за да можат на тој начин овие криминалци во владата да бидат заштитени или барем така мислат дека, ако си постават свои судии и обвинители набрзина дека сето она кое идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го започне тие практично ќе го опструираат во процесот на истраги, судски предмети или пак пресуди во конечен случај“, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски ова е само потврда на се она што се случува во изминатите повеќе од 6 години Влада на СДСМ и ДУИ.

„Ова е само потврда дека тоа што се случува изминативе нешто повеќе од 6 години Влада на СДСМ и ДУИ не само што ја врати години наназад Македонија туку ќе ни треба време за да ја вратиме во нормален колосек државата, а потоа и да ја развиваме онака како што сакавме да ја видиме оваа држава во рани 90-ти кога стануваше независна“, заклучи Мицкоски.