Драго ми е што се изнајде заеднички јазик, на задоволство пред се на студентите во однос на студентскиот оброк, но се разговараше и за други аспекти на студентскиот стандард, пред се во делот на инфраструктурата во студентските домови. Се договоривме со министерот за образование дека и во тој дел ќе бидат направени максимални напори за унапредување на просторот во одредени студентски домови каде што не е на најдобро ниво, изјави премиерот Димитар Ковачевски кој присуствувал на средбата во Собранието со претставници на студентите, пратеници и со министерот Јетон Шаќири.
Рече дека дијалогот бил конструктивен и дека студентите секогаш имаат право да ги кажат своите ставови, а Владата и пратениците, рече, се тука за тие ставови да ги слушнат и да разговараат со студентите за да се најде решение на задоволство на сите.
-Поминаа времињата кога некој можеше со студентите да се поигрува така како што сака, бидејќи студентите се тие коишто се наши деца, и коишто се иднината на оваа држава, а за која иднина носиме одлуки да биде европска, да може да живеат во услови како што живеат нивните врсници и во Германија, и во Австрија, и во сите други земји на ЕУ, рече Ковачевски.
Ги запознал студентите и за снабдувањето со електрична енергија и дека во наредниот период министрите за економија и образование треба да ги утврдат потребите од потрошувачката и од додавање грејни тела во студенските домови.
-Студентските домови, најголемиот дел дури мислам, се на централното греење во градот Скопје. Ние обезбедивме централно греење во градот Скопје. Веќе се набавени и количини на енергенси до крајот на овој месец. Ги набавуваме со термински план којшто е пократкорочен заради движењето на цените на гасот, а доколку има потреба за догревање, тогаш секако МОН заедно со Министерството за економија ќе направи така како што направивме и за прехранбената индустрија, како што направивме за другите витални функции во дражвата, додаде премиерот Ковачевски.