Триесет и осум единици крв беа обезбедени во денешната доброволна крводарителска акција во Кавадарци, крв даруваа претставници на полицијата.

– Во организација на Црвен крст на Република Македонија, Општинска организација Кавадарци, Полициска станица – ОВР Кавадарци и Гранична полиција – регионален центар Југ, тимот од ИТМ на РМ – Скопје, во просториите на ОВР Кавадарци спроведоа доброволна крводарителска акција. Вработените и овој пат како и во годините наназад, ја покажаа својата хуманост и солидарност кон болните и повредените, дарувајќи крв, информираа од кавадаречкиот Црвен крст.

Акцијата ја изведe екипа од Институтот за трансфузиона медицина на РМ – Скопје.

– Голема благодарност до вработените од безбедносните служби на овие две институции, коишто покрај својата редовна работа, одржување на безбедноста на граѓаните, секоја година преку две крводарителски акции во годината, обезбедуваат голем број на единици крв. Даваат поддршка и помош на граѓанството од Кавадарци, Росоман и пошироко во државата. Со тоа, хуманоста кај овие луѓе, од година во година уште повеќе се зголемува, соопштија од Црвен крст Кавадарци, оценувајќи ја оваа акција како многу успешна.