Ковачевски им честиташе на учесниците на академијата, како шанса за проширување на нивното знаење, и се осврна на претстојните предизвици пред кои е исправена државата.
Пред присутните, Ковачевски порача дека младите социјалдемократи треба да бидат активни и гласни, да бидат што повеќе вклучени во процесите на креирање и реализација на квалитетни младински политики.
-Како млади луѓе треба да ја насочите енергијата и креативноста да се борите против неправдата во општеството. Сржта на добрите социјалдемократски политики и одлика на лидерите е битката за еднаквост, за еднаква шанса да добие секој човек, за да се помогне на немоќниот и обесправениот. Вистинскиот лидер се грижи повеќе за другите отколку за себе и својот личен интерес. Гласно кажувајте ги вашите предлози, идеи, желби за промена, подобрување и унапредување во средината во која делувате, но и преземете акција која ќе ги мотивира и другите да ви се приклучат, порача Ковачевски.
Претседателот на партијата порача дека во СДСМ следува период на промени и дека во тие промени сериозно смета и младите социјалдемократи.
-СДСМ во периодот кој следи мора да се менува а вие мора да бидете носители на таа промена. Има многу работа пред нас, за да ги промениме работите, но тоа почнува од промената на самите себе. Младината е можеби и најважниот дел од едно општество и должна е да ја обликува сегашноста, но и иднината во тоа општество. Младината не смее да седи на страна и чека туку да преземе акција, да го дигне гласот и да се бори за својата иднина. Гласот на младите и нивните потреби е глас кој јас како лидер ќе го слушам, заклучи претседателот Ковачевски.