Премиерот Димитар Ковачевски смета дека во мај догодина ќе има доволно простор за одржување на претседателските и парламентарните избори во нивните редовни термини. Финалните ставови по однос на ова прашање, додаде тој, ќе бидат објавени кога парламентарните политички партии ќе постигнат поширок консензус.

„Сметам дека постои доволно простор во мај да се организираат изборите, во нивниот редовен термин“,рече Ковачевски.

Говорејќи во насока на идните коалиции и настапи на изборите, премиерот кажа дека СДСМ и ДУИ имаат јасен коалициски договор од 2020 година, додека за Алијанса за Албанците (АА), која е дел од актуелната владејачка коалиција, рече дека има капацитет да разговара за економски просперитетна и модерна држава со социјална правда, демократија, слобода на медиумите и владеење на правото.

Кога се прават коалиции, рече Ковачевски, не се работи за убедување, туку за следење на заеднички вредности.

„Сметам дека Алијанса го има тој капацитет, да разговара на такви теми и мислам дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите, но да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки во тој дел. Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година, секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори“,додаде Ковачевски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период интензивно повикува на одржување заеднички претседателски и парламентарни избори во мај идната година. На ставот дека двата изборни циклуса треба да се одржат заедно е и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Во интервју за „360 степени“ емитувано на 13 ноември, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, рече дека во партијата преовладува мислењето за одржување парламентарни избори истовремено со претседателските, но дека сè уште нема конечно утврден став бидејќи официјално не заседавале телата на партијата.