Одѕивот на парламентарните избори во Шпанија до 18:00 часот изнесува 68,1 отсто, што претставува значително зголемување во споредба со 53,1 отсто, колку што беше забележано во истиот период на претходните избори во јули 2023 година, покажуваат прелиминарните податоци на шпанското Министерство за внатрешни работи.

Социјалистичкиот премиер Санчез, кој се кандидира за нов мандат, истакна дека конечниот одѕив од 75 отсто или повеќе веројатно би довел до формирање ново прогресивно мнозинство во парламентот.

Сепак, речиси сите анкети на јавното мислење спроведени пред изборите покажуваа дека конзервативната Народна партија (ПП) и десничарската партија Вокс заедно би можеле да го достигнат прагот од 176 пратенички места, неопходен за обезбедување парламентарно мнозинство.

Конечниот одѕив на изборите во јули 2023 година изнесуваше 66,6 отсто, кога Народната партија освои најмногу гласови, но не успеа да обезбеди доволна парламентарна поддршка за формирање влада.

Санчез, кој раководи со малцински коалиции од 2018 година, ги распиша предвремените избори откако парламентот ги отфрли мерките наменети за решавање на станбената криза, што претставуваше една од главните теми во предизборната кампања.

Првите резултати од излезните анкети за изборите ќе бидат објавени по 20:00 часот, по затворањето на избирачките места на Пиринејскиот Полуостров, Балеарските Острови, Сеута и Мелиља, додека официјалните прелиминарни резултати ќе се соопштуваат по 21:00 часот, по затворањето на гласачките кутии на Канарските Острови.