Одговарајќи на новинарско прашање во врска со реконструкцијата на Универзалната сала и предавањето на ингеренциите за проектот, премиерот Димитар Ковачевски, денеска, од Прилеп рече дека Владата е спремна да ја почне обновата, но дека Град Скопје нема слух.

„Ние се обидуваме во Скопје да ја направиме Универзалната сала, но досега нема слух од Град Скопје. Град Скопје е напуштен град, град без управа. Пред две години ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе имаме европски град и дека ќе добиеме мајка на градот, која заедно со нив ќе го унапреди, дека ќе имаме бесплатен автобуски превоз, електрични автобуси, сообраќајници и мостови. Ако дојдете во Скопје, ќе видете дека нема ништо од тоа“, истакна Ковачевски.

Ние како Влада, дополни тој, сакаме да помогнеме и понудивме помош за некои големи проекти.

„Но, советниците од ВМРО-ДПМНЕ немаат слух“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Центарот за чување и заштита на податоци и закрепнување од катастрофи во Прилеп.

Граѓаните, како што рече, гледаат едно големо ништо во општините.

„И сметам дека и на изборите, кои се во 2025 година, и таму ќе ја видите разликата кога градовите повторно ќе бидат водени од СДСМ и кога ќе имаме напредок во сите сфери“, рече Ковачевски.