Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, вечерва во „Тема на денот” во вестите на Сител телевизија, меѓу другото, зборуваше и за важноста на одлуката за влез во ЕУ.

„Имам разговарано и со канцеларот на Германија и со претседателот на Франција, и со претседателот на Европскиот Совет и со претседателот на Европската комисија. Од сите страни доаѓаат јасни сигнали за отворена врата за членство на Северна Македонија во ЕУ. На нас е дали ќе донесеме одлука. За прв пат сега блокадата доаѓа од внатре, затоа велам дека треба да се има храброст да се донесе одлуката”, оцени премиерот Ковачевски во интервјуто.

Притоа, премиерот Ковачевски ја спореди Северна Македонија со Хрватска во однос на преговорите со ЕУ.

„Ние бевме заедно со Хрватска, a Хрватска влезе во ЕУ. Ние бевме во иста позиција со Хрватска кога ги стартувавме преговорите за ЕУ, гледајте каде е Хрватска, гледајте каде сме ние. Тие влегле, а ние уште чекаме”, рече премиерот Ковачевски.

На прашањето дали државава може да добие гаранции за членството во ЕУ во однос на реформските процеси на ЕУ, премиерот Ковачевски потенцира дека иднината на ЕУ е една од темите на која ќе се зборува на претстојниот неформален Самит на Унијата, кој ќе се одржи во Шпанија и ќе биде одржан заедно со состанокот на Европската политичка заедница.

„Тој состанок ќе биде во рамките на состанокот на Европската политичка заедница на којшто јас ќе присуствувам и на којшто ќе присуствуваат сите лидери на земјите од Европа, без Русија и Белорусија. Овој е трет состанок, во Гранада, на којшто ќе се разговара за многу важни теми. Неформалниот состанок е организиран, како што веќе најави и Шарл Мишел заради многу важни теми, тоа е војната во Украина, второ, обезбедување на што поголема енергетска независност од Русија и трето е иднината на ЕУ во смер кон проширувањето и на интерната динамика на подготовка на ЕУ за пријавување на нови членки. Процесот е поддржан од сите земји членки како никогаш досега. ЕУ знае дека им е потребно проширување, проширувањето впрочем е заеднички именител на сите глобални организации”, изјави премиерот Ковачевски во интервју за Сител телевизија.