Ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата „Отворен Балкан“ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот, порача премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ што се одржува во Охрид.

Во услови кога цела Европа се соочува со последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза, според Ковачевски, земјите од регионот се природно поврзани една со друга и имаат заедничка цел – заедно да одат напред. Војната во Украина, како што посочи, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот, а оставањето на геостратегиска празнина во овој дел од Европа, не е опција.

– Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме. Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме. Драгоценото време треба да го користиме поефикасно. Војната која се случува во Украина, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои Отворен Балкан што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави, порача Ковачевски.

Од исклучителна важност е, рече Ковачевски, Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан веќе е и стратешко и безбедносно прашање.

– Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили. Нашата визија за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски и со тоа ќе создадеме услови за големи инвестиции во нашиот регион, а тоа ќе значи повеќе работа и подобро платена работа за нашите млади и нашите граѓани. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми, нагласи Ковачевски.

Премиерот се надева дека иницијативата „Отворен Балкан“ ќе стане сѐ поатрактивна и дека кон неа ќе се приклучат и останатите држави од регионот. Го поздрави присуството на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, а, како што рече, останува отворена поканата и за косовскиот премиер.

– Јас сум убеден дека бенефитите од Отворен Балкан ги заслужуваат и дека ќе ги добијат и граѓаните на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово и верувам дека овој самит ќе донесе позитивен пресврт кога е во прашање проширувањето на Отворен Балкан. „Отворен Балкан“ е за интеграција. За отворени можности. За слобода. „Отворен Балкан“ е за олеснување, помагање, пријателство, рече Ковачевски.

Во рамки на иницијативата денеска во Охрид ќе бидат потпишани договори за меѓусебно признавање дипломи издадени од високообразовните установи и други овластени институции, како и меморандуми за соработка во туризамот, културата и даночната администрација во Западен Балкан.

– Денес отвораме ново поглавје во нашата соработка во областа туризам. Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација. Имаме на светот да му ги понудиме дел од најубавите мориња на Медитаренот благодарение на богатството на Албанија. Планините и прочуениот селски туризам на Србија. Македонските езерски пејсажи и убавите зелени планини. Овие убавини ќе му ги понудиме на светот, но пред се ќе овозможиме нашите граѓани да ги уживаат преку најповолни услови, рече Ковачевски, додавајќи дека ќе се креира и заеднички календар на културни настани со што се очекува зголемување на фестивалските настани во регионот.

Иницијативата „Отворен Балкан“ ја покренаа Северна Македонија, Србија и Албанија за поголема економска и друга соработка со цел подобар живот на граѓаните. Од неа веќе се чувствуваат првите бенефити со воведувањето на т.н. зелени ленти за камионите на граничните премини Ќафасан и Табановце со кои се овозможува побрз проток на храна и земјоделски производи.

На самитот во Охрид присутен е и еврокомесарот Оливер Вархеји, а преку видео обраќање се очекува да се вклучи и заменикот помошник на државниот секретар на САД Габриел Ескобар.