Ковачевски не сака да зборува за внукот на Ахмети и не кажува дали разговарал за случајот со Мерко денеска на новинарските прашања.
По партиската трибина во Куманово, премеирот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски не одговори на новинарското прашање дали разговарал со лидерот на ДУИ Али Ахмети за неговиот внук кој го купува комплексот Соравија во центарот на Скопје, ниту кажа дали разговарал за случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кого САД го ставија на црна листа за влез во земјата поради поврзаност со криминал и корупција.
За случајот со Мерко премиерот кусо рече дека наводите на Стејт департментот се навистина сериозни, повтори дека веќе кажал оти треба да реагираат надлежните институции и додаде:
„На крајот излезе дека веќе постоеле случаи во Обвинителството. Ќе отидете во Обвинителство ќе ги прашате. Обвинителството е независно, како и судовите. Одговорите на прашањата не се кај нас во Владата“, рече Ковачевски.
Во врска со младиот внук на лидерот на ДУИ, кој купува зграда во центарот на Скопје, Ковачевски не даде нималку директен одговор.
„Ме прашувате за внуци на друг политичар, за внуците на тој политичар, ќе го прашате тој политичар. Мене можете да ме прашате за моите внуци“.
Тој нагласи дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ сака да изигрува морална вертикала, но како што додаде, тоа не е можно затоа што нивното седиште, белата палата, е криминално стекната и е замрзнат имот поради сторен криминал.
„Ајде да ги прашаме, во која фиока е нивната палата?“, рече премиерот.