Оливер Спасовски е должен да и одговори на македонската јавност зошто на 4 декември за време на неговата прес-конференција, излажа дека возилото на Панче со кое е киднапирана Вања, не било регистрирано во системот на камери „Безбеден Град“ пред 27 ноември, односно пред денот на убиството, истакна на денешната прес-конефернција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Тој посочи дека неколку дена го прашуваат министерот Спасовски, а истиот одбива да одговори за, како што рече, очигледниот и фатален пропуст на МВР чија последица е киднапирањето и убиството на девојчето Вања.
-Јавно го прашуваме министерот Спасовски дали возилото е регистрирано на камерите пред 27 ноември, односно на 24 ноември во 6:30 на влезот во Скопје кај Маџари на мостот кај Агросервис? Понатаму, дали возилото е забележано од камерите на „Безбеден Град“ на истата локација и следниот ден, на 25 ноември во 21:15 часот? Конечно, дали возилото е забележано на камерите кобниот ден на 27 ноември во 7:42 наутро кај Александар Палас и Злокуќани и како е можно да тоа возило неконтролирано да помине низ најобезбедуваната локација во Македонија во тој момент, а можеби и во регионот поради непосредните подготовки на Советот на ОБСЕ, нагласува Ковачки.
Оливер Спасовски е должен да одговори како е можно возило кое е пријавено дека е исчезнато 5 дена пред киднапирањето на Вања, а за кое тој тврдеше дека не знаеле, да помине покрај 40 камери на „Безбеден Град“ , Министерството за одбрана и на други субјекти?