Дека амнестијата може да влијае врз зголемување на криминалитетот, предупредуваат и експертите кои посочуваат дека по примената на претходниот закон од 2018та, во полициска станица заради кражба завршиле луѓе кои пред само неколку часа ја напуштиле затворската ќелија.

Крадците кои Законот за амнестија ќе ги пушти на слобода, најчесто се лица кои ги повторуваат кривичните дела. Ова го открива статистиката на полицијата која за осум месеци од годинава регистрирала дека дури 500 кривични дела се направени од веќе осудени. Најголем дел или над 400 дела се тешки кражби, тепачки и загрозување на сигурноста. Анализата открива дека повторници има и меѓу лица кои и претходно предизвикале сообраќајки.

Со Законот за амнестија се предвидува од затвор веднаш да излезат сторители на полесни кривични дела како што се кражби, тепачки, лица кои сториле сообраќајки, а заедничко за сите е што биле осудени на казни до шест месеци затвор. Законот наскоро ќе се најде пред пратениците, а први на неговото донесување најавија дека ќе се спротивстават од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека нема да ги поддржат ниту амандманите на власта со кои треба да се спречи на слобода да излезат и осудените за Монструм.

Извор: Sitel.mk.