Трамп одржа говор во Кнесетот
Денеска американскиот претседател Доналд Трамп одржа говор во Кнесетот, истакнувајќи дека тоа е „голема чест“. Главниот фокус на говорот беше на благодарност кон Бог и историската можност за мир во регионот, особено по ослободувањето на заложниците.
Трамп нагласи дека денес е ден за благодарност кон „семоќниот Бог на Аврам, Исак и Јаков“.
„Денеска небото е мирно, пушките молчат, сирените се тивки, и сонцето изгрева над Светата земја која конечно е во мир,“ рече Трамп, пофалувајќи ја храброста на 20-те живи заложници кои денеска се вратија кај своите семејства.
Тој изрази надеж дека „регионот засекогаш ќе живее во мир“ и додаде:
„Ова не е само крај на војната, туку и крај на едно доба на терор и смрт, и почеток на доба на вера, надеж и Бог.“
Американскиот претседател подвлече дека ова е почеток на нова ера на хармонија за Израел и соседните земји:
„Ова е почеток на ера на хармонија за Израел и земјите од регионот. Ова е историската зора на новиот Блиски Исток.“
Поддршка и партнерство
Трамп го пофали премиерот Бенјамин Нетанјаху за „големата храброст и патриотизам“, додавајќи:
„Неговото партнерство многу придонесе за да биде можен овој ден.“
Тој го замоли Нетанјаху да стане, додека присутните аплаудираа:
„И да знаете, не е лесен човек, морам да ви кажам. Не е најлесен за соработка. Но токму тоа го прави голем … Ти благодарам многу, Биби. Одлична работа.“
Американскиот претседател им се заблагодари и на арапските и муслиманските земји кои извршиле притисок врз Хамас да ги ослободи заложниците. Тој ја нарече оваа соработка „неверојатен триумф за Израел – што сите овие нации работат заедно како партнери во мирот“.
„Ова ќе се запамети како моментот кога сè почна да се менува. Ова ќе биде златното доба на Израел и златното доба на Блискиот Исток,“ заклучи Трамп.