Процесот за враќање на нормалното водоснабдување во Гостивар е во завршна фаза, а премиерот Христијан Мицкоски очекува уште денес граѓаните да добијат вода која ќе биде безбедна не само за техничка употреба, туку и за пиење и подготовка на храна.

Одговарајќи на новинарски прашања за реакциите на опозицијата во врска со состојбата со водоснабдувањето и мерката хиперхлорирање, Мицкоски истакна дека Владата веднаш реагирала по појавата на проблемот и презела активности за заштита на населението.

„Како држава обезбедивме чиста вода за пиење за жителите на Гостивар. Им благодарам на сите општествено одговорни компании и поединци кои се вклучија со донации и помогнаа во оваа ситуација“, изјави Мицкоски.

Премиерот повтори дека, според досегашните информации со кои располагаат институциите, причината за загадувањето била несовесно постапување на вработени во ЈП „Водовод“ – Гостивар. Како што рече, тие со помош на цевки и пумпи префрлале вода од реката директно во главниот резервоар.

„Обвинителството веќе постапува по случајот. Има лица кои се обезбедени и сослушани, а очекувам истрагата дополнително да се прошири“, посочи Мицкоски.

Во меѓувреме, процесот на хиперхлорирање го спроведуваат стручни екипи од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Паралелно со тоа, секојдневно се земаат примероци од водата и се вршат лабораториски анализи за да се потврди нејзината исправност.

Мицкоски оцени дека состојбата во Гостивар значително се подобрува и изрази очекување дека наскоро граѓаните ќе имаат целосно бактериолошки исправна вода за пиење.

„Верувам дека за првпат по многу години граѓаните ќе користат вода која е целосно бактериолошки исправна. Сепак, потребно е уште малку трпение, бидејќи процесот се спроведува внимателно и согласно сите здравствени стандарди“, рече премиерот.

Тој додаде дека очекува во текот на денот, покрај техничката вода која веќе е достапна за жителите, да биде овозможено и користење на водата за пиење и готвење.