Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува проширување на истрагата за загадувањето на водата во градскиот водовод во Гостивар. Тој посочи дека надлежните институции веќе преземаат активности и дека се обезбедени лица кои се сослушани во рамки на постапката.

Мицкоски оцени дека проблемот со водоснабдувањето настанал поради несовесно постапување на вработени во Јавното претпријатие „Водовод“, кои, како што рече, директно префрлале вода од реката во главниот резервоар со помош на цевки и пумпи.

„Имавме несовесно работење на вработени од Јавното претпријатие „Водовод“ коишто директно со цевки и пумпи вода од река префрлеле во главниот резервоар. За тоа Обвинителството постапуваше и постапува и веќе имаме лица коишто се обезбедени, сослушани. Очекувам да имаме и проширување во истрагата. Одговорноста е лоцирана и се преземаат мерки, веќе е обезбедена техничка вода за користење“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека во периодот кога Владата ја предводеле СДСМ и ДУИ, институциите не реагирале на информации поврзани со несоодветни параметри утврдени во анализи на вода, што, според него, имало последици врз граѓаните.

Тој претходно информираше дека процесот за нормализирање на водоснабдувањето во Гостивар е во завршна фаза и дека се очекува граѓаните наскоро повторно да добијат вода која ќе биде безбедна за пиење и подготовка на храна.