Речиси сите мигранти кои во изминатите денови успеале да влезат во шпанската енклава Сеута веќе се вратиле на територијата на Мароко, соопшти шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес. Тој ги отфрли тврдењата дека мигрантите можат слободно да продолжат кон останатиот дел од Шпанија и порача дека шенгенскиот простор останува заштитен.

„Не е можно да се патува од Сеута и Мелиља кон континентална Шпанија без идентификација на полициски контролен пункт. Интегритетот на шенгенскиот простор е целосно загарантиран. Доста со намерните дезинформации“, напиша Албарес на социјалната мрежа „Икс“.

Претходно, шпанската новинска агенција ЕФЕ објави дека стотици мигранти во петокот попладне се упатиле кон границата со Мароко, повикувајќи се на договорот меѓу Мадрид и Рабат за итна репатријација, но и на отежнатите услови за престој во Сеута поради кризата и затворањето на дел од продавниците, супермаркетите и рестораните.

Шпанските безбедносни сили и воената единица „Регуларес група 54“ беа распоредени долж плажата Тарахал за да спречат нови обиди за пристигнување од морскиот правец. Според податоците на шпанските власти, најмалку 57 мигранти загинале во текот на мигрантската криза.

Шпанскиот премиер Педро Санчез претходно изјави дека масовниот прилив во Сеута претставува „напад“ и „нарушување на територијалниот интегритет на Шпанија“, додавајќи дека властите работат на враќање на нормалната состојба што е можно побрзо.

Мароканската полиција приведе 70 лица

Мароканската полиција привела 70 лица поради сомневање дека учествувале во насилните инциденти за време на масовните обиди за нелегално преминување на границата кон Сеута, објави ЕФЕ повикувајќи се на извори блиски до истрагата.

Приведените се истражуваат за можни кривични дела, меѓу кои обид за убиство, намерно предизвикување пожари и оштетување на јавен и приватен имот.

Инцидентите се поврзани со судирите меѓу мигрантите и мароканската полиција во Фнидек, град во близина на границата со Сеута. Таму групи мигранти се собираа на ридовите во обид да ја преминат границата, а во немирите беа запалени и неколку возила.

Мигрантската и хуманитарната криза започна откако, според проценките на властите во Сеута, околу 60.000 мигранти нелегално пристигнале во градот, најголем дел пливајќи околу граничниот насип. Оние кои успеале да стигнат на шпанска територија биле без храна, вода и основни услови за престој.

Договорот меѓу Шпанија и Мароко за брзо враќање на мигрантите, заедно со привременото затворање на дел од објектите во Сеута, придонел околу 53.000 луѓе во текот на петокот да се вратат во Фнидек.

Состојбата постепено се стабилизира

И покрај масовното враќање кон Мароко, дел од мигрантите сè уште се наоѓаат на улиците на Сеута, каде ноќеваат во паркови и јавни површини и бараат начин да го напуштат градот.

Во Фнидек, кој има помалку од 80.000 жители, локалните капацитети беа под силен притисок. Поради страв од нови инциденти, продавници, ресторани и банки беа затворени.

Во меѓувреме, службите за чистење ги отстрануваат остатоците од камења, урнатини и запалени возила во близина на границата со Сеута, додека властите оценуваат дека состојбата постепено се нормализира.