Штипската уметничка галерија „Безистен“ повторно е мета на крадци. Од кровната конструкција украдена е една оловна плоча, а оштетени се шест плочи, кои крадци се обиделе да ги симнат од кровот. Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип, Митко Штерјов за МИА вели дека кражбата се случила утринава околу 1 часот, а полициски службеници забележале дека на објектот има скала. Крадците побегнале, а направена е штета од околу 30.000 денари.
Минатата година во јануари беа фатени четворица крадци од Штип и Струмица, кои во неколку наврати одзедоа околу 30 оловни плочи од кровната конструкција на галеријата „Безистен“. Штетата тогаш се проценуваше на околу 500.000 денари. Оловните плочи се рачно и автентично направени. Објектот е заштитен од државата, како споменик на културата, а е изграден во средината на 16 век.