Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јуни се намалила на 4,67 проценти, што е за 0,36 процентни поени помалку во споредба со истиот период минатата година, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

На месечно ниво каматата на сите кредити се намалила за 0,02 процентни поени. Ист пад е забележан и кај новоодобрените кредити, кај кои просечната каматна стапка изнесувала 4,38 проценти.

Кај депозитите, просечната каматна стапка останала речиси непроменета и изнесувала 2,17 проценти, со намалување од 0,03 процентни поени. Сепак, кај новопримените депозити каматната стапка се зголемила на 2,54 проценти, што укажува дека банките нудат поповолни услови за новите штедачи.