Преку регистарот купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистирана онлајн продавница.

Изработен е во соработка со петте банки кои што нудат е-трговија.  Целта, како што велат од АЕТМ, е да ја зголеми информираноста на купувачите и нивната заштита, да им овозможи лесно да направат разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата и да ја намали можноста за купување од непроверени онлајн продавачи и учество во сивата економија.

-Пандемијата отвори бројни можности за забрзување на растот на е-трговијата, но и бројни предизвици за е-трговците. Сѐ почеста е појавата на голем број нерегистрирани продавачи кои нудат производи за продажба преку пораки на социјалните медиуми, што претставува нелојална конкуренција за регистрираните онлајн продавници. Кога купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми од продавачи (регистрирани или нерегистрирани) од кои не добиваат сметка или потврда (фактура) за купените производи, ги става во позиција да не можат потоа да ги остварат правата за нивна заштита, да го вратат или заменат производот ако не се задоволни од она што го добиле, со што се зголемува недовербата во онлајн купувањето. Ваквите нарачки дополнително влијаат негативно кон развојот на е-трговијата и се дел од сивата економија која е штетна за целокупниот развој на општеството, соопшти АЕТМ.

Од Асоцијацијата истакнуваат дека се стремат да придонесат за подобра бизнис околина за раст и развој на е-трговијата и укажуваат дека сивата економија и нелојалната конкуренција се пречка за развојот.

Во текот на 2020 година беше лансирана платформата „eТрговија за сите” https://ecommerce4all.mk/ која на едно место ги содржи сите потребни информации за започнување и водење на бизнис во е-трговија. Како дел од платформата е и модулот посветен на сивата економија во рамки на кој се креираше и објави првиот онлајн регистар на е-трговци, кој ги содржи сите онлајн продажни места, кои што се регистрирани во една од петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија, односно процесирање на онлајн трансакции. Ваквиот регистар беше една од препораките во Извештајот од анализата на е-трговијата во 2018 година.

Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија велат дека се потребни заеднички напори за намалување на сивата економија – институциите да го дадат својот придонес, граѓаните да се заштитат себе си преку купување само од регистрирани е-трговци, а компаниите да гиунапредуваат своите процеси, корисничко искуство и да одиграат едукативна улога кај потенцијалните купувачи.

 

-Согласно спроведениот анкетен прашалник на 2.800 е-купувачи кој беше дел од сеопфатната Анализа на е-трговија, 2020 година, 47 проценти од купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми, а 61 процент од нив се изјаниле дека го прават тоа затоа што им е полесно и побрзо. Четириесет и осум проценти од е-купувачите никогаш не добиваат фискална сметка при ваквите нарачки, а 27 проценти се изјасниле дека ретко добиваат. Над 70 проценти од нив се запознаени за ризиците, дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се дел од сивата економија, но сепак го прифаќаат ризикот при ваквите нарачки. Овие податоци се загрижувачки и говорат за ниското ниво на даночен морал и свест за значењето и негативните последици од сивата економија, како и ниското ниво на дигитални вештини на населението. Преку регистарот на онлајн продажни места купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистирана онлајн продавница, изјави Нина Ангелова, претседател на Асоцијацијата за е-трговија.

Покрај регистарот за е-трговци, АЕТМ објави и едукативно видео како дел од напорите за адресирање на сивата економија во Република Северна Македонија.

АЕТМ во јануари годинава го воведе „беџ за верификуван е-трговец” кој преставува визуелна ознака која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано неопходните законски регулативи и правила за работење во е-трговијата.

Асоцијацита за е-трговија на Македонија преку интернет платформата „eCommerce4All“ едуцира за безбедно и легално започнување со онлајн продавање и купување, подигнување на свеста и намалување на сивата економија и за зголемување на конкурентноста на постоечките е-трговци. Веб платформата е дел од иницијативата „E-commerce for All”, која се реализира со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.