Стотици украински борци од опколената фабрика за челик Азовстал во Мариупол се однесени на територии под контрола на Русија, пренесе Би-Би-Си.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одби да коментира за статусот на евакуираните војници и не одговори дали украинските војници ќе бидат третирани како воени злосторници или како воени заробеници.
– Путин гарантира дека тие ќе бидат третирани во согласност со релевантните меѓународни закони, рече тој, одбивајќи да даде дополнителни детали за тоа што ќе се случи со евакуираните војници.
Говорејќи во руската Државна дума (парламентот), спикерот Вјачеслав Володин рече дека евакуираните не треба да бидат предмет на размена и наместо тоа треба да бидат изведени пред лицето на правдата.
Повеќе од 260 борци ја напуштија челичарницата Азовстал доцна синоќа и беа однесени во околните области поддржани од про-руските бунтовници, додека 53 повредени борци беа однесени во Новоазовск, а 211 лица во Оленивка, северно од пристанишниот град, информира Би-Би-Си.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук претходно изјави дека Украина работи на следните чекори за евакуација и се надева дека ќе ги замени украинските бранители за руски воени заробеници што ги држи.