Кремљ соопшти дека снимката на којашто високи офицери на германската армија разгледуваат испораки на ракети со долг дострел на Киев и помош во обуката и планирањето воздушни напади со нив на украинската војска врз руски цели, покренува прашања за тоа дали канцеларот Олаф Шолц ги држи работите под контрола.

Минатата седмица руските медиуми објавија аудио-снимка, чијашто автентичност е потврдена од германската армија, од конференциски разговор високи германски воени претставници на кој се разговара за испорака на ракетите „Taurus“, со дострел од околу 500 километри, на Украина и за потенцијален напад од Киев на Кримскиот мост, што ги натера руските власти да побараат објаснување.

Самата снимка покажува дека Бундесверот конкретно разговара за плановите за воздушни напади на руска територија. Тоа не бара никакво правно толкување. Сè е повеќе од очигледно, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Германија објави дека ја истражува снимката, а Русија го повика на разговор германскиот амбасадор.

Тука треба да откриеме дали Бундесверот го прави ова самоиницијативно. Тогаш се поставува прашањето колку Бундесверот е под контрола, а колку Шолц ја има ситуацијата под контрола? Или тоа е дел од политиката на германската влада?, продолжи Песков.

Двете сценарија се многу лоши. И двете повторно го нагласуваат директното вклучување на државите од колективниот Запад во конфликтот околу Украина, додаде портпаролот на рускиот претседател.

Германија е една од членките на НАТО која ја снабдува Украина со оружје, вклучително и тенкови. Москва го обвинува колективниот Запад дека изминатата деценија ја користи Украина за прокси војна против руската држава.