Кремљ денеска ја оцени како „смешна“ и „лоша вест“ за граѓаните на Русија одлуката на ЕУ да го укине поедноставениот режим за издавање визи за руските туристи.
Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател изјави за новинарите дека Москва ги разгледува опциите за одговор.
Вчера министрите за надворешни работи на ЕУ се согласија да го поништат договорот со Русија кој им овозможува на руските граѓани да аплицираат за визи за 26-члената Шенген зона по поедноставена процедура. Причината за одлуката е руската инвазија на Украина. Некои балтички и северноевропски земји инсистираат на целосна забрана за издавање визи за руските граѓани.
– Ова е лошо за Русите бидејќи ќе потрае подолго, ќе им биде потешко да добијат виза, рече Песков. – Ова е уште една смешна одлука во континуираната серија апсурди, додаде тој. Портпаролот навести дека Русија може да возврати на начин што „најдобро одговара на нејзините интереси“ и да го направи на тој начин што „ќе се влоши ситуацијата и за Европејците“.
Портпаролката на МНР во Москва, Марија Захарова, исто така изјави дека Русија ќе одговори на „непријателската политика“ на ЕУ, пренесува ТАСС.
Таа, исто така, истакна дека одговорот на Москва ќе биде одреден од интересите на руските граѓани и националната безбедност на Русија. Захарова ги вброи балтичките земји меѓу „најжестоките противници на Русија“, бидејќи тие одат понатаму и бараат целосна забрана за визи за Русите. Според нејзините зборови, Европа „продолжува да ја затвора својата ќелија одвнатре и да се изолира и од Русија и од остатокот од светот“. Захарова се пожали дека вчерашната одлука на министрите од Шенген зоната „ги крши принципите на слобода на движење, утврдени во основачките документи на ОБСЕ“.