-Нашите возила и вработените се на терен уште од синоќа, откако започнаа снежните врнежи. Се работеше и на расчистување на коловозите во градот и на посипување на истите со сол и ризла, со оглед на најавените минусни температури. Од рано утрово вработените работат и на расчистување на снегот од тротоарите, расчистување на пристапите до училиштата, јавните институции на главната улица, предучилишната установа, детска градинка “Детелинка”, како и кај здравствениот дом и останатите итни служби, изјави Миле Марковски, директор на ЈП Комуналец, Крива Паланка.
Посочи дека веќе се работи и на расчистување на патниот правец кон селата Дурачка Река и Станци, ќе се работи и на расчистување на локалниот патен правец кон селата Огут и Нерав, како и кон сите градски и приградски населби.
-Претпријатието располага со три специјализирани возила за зимско одржување,а за потребите за реализација на оваа дејност, набавени се засега доволно количини на сол и абразивен материјал, додаде Марковски.
Висината на снежната покривка на местата со надморска височина од над 1000 метри на територијата на општината изнесува и над 30 сантиметри.