СВР Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против Е.И.(53) од Битола поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавената е поранешен директор на ЈЗУ Клиничка болница Битола.

Според информациите, во текот на 2023 година таа, спротивно на Законот за административни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници и Законот за буџети, без согласност од Министерството за финансии и без спроведени интерни огласи и потпис од Секторот за човечки ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда на Клиничка болница Битола склучила анекси на договорите за вработување. Со тоа ги зголемила коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.

На овој начин, според пријавата, го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. Како пример се наведува лице вработено како помошник одговорен инженер за техничко одржување на објекти, за кое било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, а било унапредено лице со академско звање доктор на науки од областа на индустриски менаџмент, при што платата му била пресметувана по коефициент на сложеност за профил доктор на немедицински науки сродни на дејностите на установата.