Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против четири лица поради узурпација на земјиште во сопственост на МПЦ-ОА, кај месноста Манастирец, покрај патниот правец Дебар-Струга.
– Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности” и „бесправна градба”, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Н.Б.(88) од дебарското село Џепиште, Ј.Б.(62) и С.А.(41), двајцата од Скопје и М.Х.(33) од Дебар, информираше Стефан Димоски портарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Додава дека пријавените, во текот на 2021 година, на различни катастарски парцели во месноста „Манастирец”, атар на општина Центар Жупа, покрај реката Црни Дрим и езерото Шпилје, сопственост на Македонска православна црква Дебарско – Кичевска епархија, бесправно изградиле објекти.
Притоа, Н.Б. се стекнал со противправна имотна корист од 150.480 денари, Ј.Б. со 106.920 денари, С.А. со 33.660 и М.Х. со 466,527 денари.
Деновиве, по истите основи, кривични пријави беа поднесени против двајца скопјани, кои се стекнале со противправна материјална корист од 69.300 денари, односно од 37.431. денари.
Узурпираното земјиште кај Манастирец или попознато како месност „Три чешми”, на дваесеттина километри од Дебар, со денационализација е вратено во сопственост на МПЦ-ОА, односно на Бигорски манастир.