Кривична пријава за полициски службеник

Полициски службеник од ПС ОН Ѓорче Петров е пријавен за кривично дело „оддавање на службена тајна“. Кривичната пријава ја поднесе Одделот за внатрешна контрола при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – специјализираното одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција.

Пријавата се однесува на А.Ј., за кого постојат основи на сомнение дека постапил спротивно на законските обврски од член 360 од Кривичниот законик.
На 20 декември 2025 година, управител на угостителски објект во Скопје пријавил две кривични дела – „оштетување на туѓи предмети“ и „изнуда“.

Во рамки на постапувањето по пријавата за „оштетување на туѓи предмети“, управителот му испратил видео запис од безбедносните камери на пријавениот полициски службеник.

Според наодите, полицискиот службеник го споделил видео записот преку социјалната мрежа „Инстаграм“, правејќи го достапен до лице кое издржува казна затвор во КПД „Затвор Прилеп“. Тоа лице, според пријавата на управителот, било осомничено и за кривичното дело „изнуда“.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди најави дека против А.Ј. ќе биде поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина. Воедно, ќе бидат изречени задолжителни мерки – одземање на службеното оружје и муниција, упатување на задолжителен психолошки и психијатриски преглед, како и отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, односно суспензија.

 

 

Кривична пријава за полициски службеник