Кривична пријава за претседателот и секретарот на ОФС Охрид
СВР Охрид поднесе кривична пријава за претседателот и секретарот, Цане Милошески и Никола Цветкоски, за сторени две кривични дела.
Првото дело по член 378, Фалсификување исправа, и по член 247 од КЗ, на начин што како претседател и секретар на ОФС Охрид во текот на 2024 година во повеќе наврати внесувале неточни и непотполни информации во КOMET системот на ФФМ за натпревари кои воопшто не се одиграни и за лица кои наводно учествувале на истите, а не биле регистрирани како играчи и судии, а со цел ОФС Охрид да добие свои претставници во органите на ФФМ. Ова се дел од причините за кривична пријава за претседателот и секретарот.
Инаку во мај годинава Управниот одбор на ФФМ донесе одлука ОФС ОХРИД поради грубо кршење на одредбите од Статутот и актите на ФФМ да добие суспензија.
УО на ФФМ по темелна постапка и по претходни сознанија од Одделот за интегритет, а во врска со нарушување на интегритетот во целост од страна на овластени службени лица од ОФС Охрид, едногласно одлучи да го суспендира Општинскиот фудбалски сојуз Охрид (ОФС Охрид).
Главните причини за донесената одлука се:
– Изготвување и употреба на фиктивни записници од натпревари (фалсификување на записници за натпревари кои не се одиграни, а се заведени како одиграни со конкретни резултати);
– Увидот во КОМЕТ системот на ФФМ покажа дека дури и лице починато пред повеќе години е заведено како учесник во овие фиктивни записници од натпреварите;
– Судии имаат писмени изјави дека истите биле внесувани во записници без нивно знаење и согласност, односно воопшто не суделе на натпреварите, а некои од нив не се ниту судии, а се заведени на тие натпревари како да суделе;
– Комплетната „Б“ општинска лига во рамки на ОФС Охрид не постои, односно е измислена;
Со ваквите дејствија е нарушен интегритетот на натпреварувањето и довербата во работењето на сојузот. Кривична пријава за претседателот и секретарот ќе биде поднесена до соодветната дисциплинска комисија, со предлог за преземање дополнителни мерки, согласно Дисциплинскиот правилник и Статутот на ФФМ.
Цане Милошески, претседател на ОФС Охрид и Никола Цветкоски, секретар на ОФС Охрид, се исклучуваат од фудбалската организација и им се забранува вршење на каква било функција поврзана со фудбалот.
