Започна првата фаза од истрагата
Кривични пријави против 34 лица за пожарот во Кочани. Министерот Панче Тошковски, денеска соопшти дека Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство, ја заврши првата фаза од истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица. Тие се товарат за кривично дело ‘тешки дела против општата сигурност’ по член 292, во врска со ‘предизвикување општа опасност’ по член 288 од Кривичниот законик. Дополнително, едно лице е пријавено и за ‘примање поткуп’ по член 357“, изјави Тошковски.
Властите работат под огромен притисок
Владата подготвува законски измени за забрана на пиротехника во затворени простори, вели Тошковски
Министерот потенцираше дека истрагата се спроведува интензивно, 24 часа на ден, со фокус на правичноста и темелноста.
„Не смееме да брзаме, бидејќи половична правда е неправда. Важно е да се почитуваат доказите, без да се дозволи осомничување на невини лица поради гнев, но исто така и без да останат неказнети оние за кои има основани сомнежи. Нашата задача е целосна и правична одговорност, без исклучоци и без компромиси“, нагласи Тошковски.
Очекувања за натамошен развој на случајот
Истражните органи најавуваат дополнителни анализи и испитувања за целосно утврдување на сите одговорни. Јавноста со големо внимание ја следи истрагата, а надлежните уверуваат дека правдата ќе биде задоволена.
Извор: Курир