Бојан Крстевски одигра сосема добар натпревар во Левице. Сепак, на крајот кошаркарската репрезентација на Македонија загуби од Словачка со 82:73 и сега има само една победа повеќе пред првиот и единствен пратител во групата Д, во пресрет на последното 6. коло од претквалификациите, објави ТопСпорт.

„Штета за поразот, имавме добри моменти на натпреварот во Левице. Пред се на почетокот на третата четвртина, кога имавме отворени ситуации за шут, меѓутоа не ги реализиравме. Од друга страна противникот имаше одличен шутерски ден, заокружен со реализација на 14 тројки, со висок процент на реализација“, вели крилниот центар на националниот тим.

И покрај првиот пораз во овој круг, Крстевски верува и се надева дека Македонија ќе оствари една победа од двете „врзани“ гостувања. По дуелот во Левице, в недела следи натпревар во Осло против Норвешка.

„Сите овие случувања во Левице го оставаме зад нас. Впрочем и немаме многу време за анализа, уште помалку за одмор. Имаме и долг пат пред нас до Осло. Би сакал да ја повториме доминантната игра против Норвешка од натпреварот во Гевгелија и да се радуваме на пласман во квалификациите. Мислам дека го заслужуваме тоа“, дополни Крстевски.

Норвешка ќе ја пречека Македонија во Осло, в недела од 18 часот, во клучниот натпревар за пласман во квалификациите за Евробаскет.