Случајот со „Беланоца-Барон“ ја разоткри улогата на кртовите во институциите
Премиерот Христијан Мицкоски јавно го осуди истекувањето на информации од институциите, опишувајќи го како резултат на „рецидиви од седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ“. Според него, овие рецидиви сè уште го загрозуваат интегритетот на институциите, но тој вети дека сите кои ги прекршиле законите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
-
„Кртови ќе се појавуваат уште некое време сè додека имаме рецидиви од седумгодишното управување на претходната коалиција. Но, тие кртови ќе бидат пронајдени, извадени од дупките каде што се кријат, и како глувци ќе одговараат,“ изјави Мицкоски.
Информациите истекоа непосредно пред акцијата
Реакцијата на премиерот следува по потврдата од Министерството за внатрешни работи, според која службено лице било осомничено за истекување информации за полициската акција против криминалната група „Беланоца-Барон“.
На 28 декември 2024 година, полицијата го приведе Ќерим Буши, син на поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши од ДУИ. Според Обвинителството, тој е осомничен за оддавање на службена тајна само 10 минути пред акцијата, со што им овозможил на криминалците да избегаат.
Сомненија за поврзаност со кланот од Арачиново
Информациите кои излегле од МВР се поврзуваат со припадниците на криминалниот клан од Арачиново. Полициската акција, која се случи на 16 декември, имаше за цел да ги уапси припадниците на криминалната група „Беланоца-Барон“. Групата е осомничена за осум убиства, неколку ранувања и загрозување на животи.
Ќерим Буши беше пуштен на слобода по насоки на јавниот обвинител, а неговиот мобилен телефон беше одземен за понатамошна дигитална анализа.
-
„По завршување на истрагата, ќе бидат утврдени сите детали за евентуалната поврзаност на осомничениот со криминалната група,“ соопшти Обвинителството.
Злоупотреби во МВР во бројки
Во периодот од февруари до ноември 2024 година, поднесени се 33 кривични пријави против 80 вработени во МВР. Најчестите обвиненија се за злоупотреба на службената положба.
Мицкоски нагласи дека ова е само почеток на чистката во институциите.
-
„Секој кој го прекршил законот и соработувал со криминалците ќе одговара. Никој нема да биде поштеден,“ вети премиерот.