Од КСС бараат платите да се усогласуваат согласно Законот за минимална плата со цел да нема ситуација во која двајца вработени со различна сложеност на работата, ќе земаат иста плата.
– Ваквото непринципиелно и незаконско исплаќање на плати некој ја нарекол „урамниловка”. Оваа урамниловка има тенденција на продолжување и продлабочување на лошата практика, особено со сé поотворените најави дека минималната плата повторно ќе се зголеми, со политичка одлука, ни повеќе ни помалку на 18.000 денари. Тоа би значело дека помошно-техничкиот персонал, односно најниското работно место по сложеност на работа, со плата буквално ќе се изедначи со носителот на дејност од кој се бара сложени и одговорни вештини и знаења, посочува КСС во писмото испратено до пратениците, претседателот на Собранието и до членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Доколку ова нивно барање не се прифати, КСС најавува дека ќе ги активира сите расположливи синдикални средства за одбрана и унапредување на своите права, не исклучувајќи ги и најрадикалните како што се масовни протести и генерален штрајк во сите дејности во јавниот сектор.