Во Словенија бројот на хоспитализирани пациенти продолжува да се зголемува, иако бројот на новозаразени сè уште забавува на неделно и дневно ниво, а во последните 24 часа се потврдени 1.389 нови инфекции со коронавирус, а починале уште 17 пациенти.

Со 2.730 тестови потврдени се 1.389 инфекции, што е 50,9 отсто позитивни наоди меѓу тестираните, соопшти Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ).

Во болниците моментално има 1.162 пациенти со Ковид-19, вклучувајќи 276 на одделенијата за интензивна нега, што е значително зголемување од пред седум дена, кога имаше 1.008 хоспитализирани и 229 на одделенијата за интензивна нега.

Од друга страна, пред седум дена се регистрирани 1.815 заразени, со 53,1 отсто позитивни наоди, па се чини дека трендот на раст од четвртиот бран на епидемијата може да се смирува, иако состојбата во болниците сè уште е драматична. Бројот на пациенти на одделенијата за интензивна нега, според проценките, сè уште не е на својот врв.

Според проекциите на владините епидемиолози, врвот на пациенти во болниците може да се достигне оваа недела. Од друга страна, нормализирање на состојбата во здравството, чии капацитети сега се преоптоварени, може да се очекува дури кон крајот на декември или почетокот на јануари, изјави главниот епидемиолог Матеја Логар.