Косовскиот премиер Албин Курти го обвини Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, дека „зазема позиција“ против Косово.
На прес-конференција во Приштина на 18 септември, Курти рече дека за време на последната рунда од дијалогот Лајчак „имал јасна позиција против Косово воопшто, а особено против Договорот за нормализација на односите“.
Тој рече и дека му се чини дека „има координација“ меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и Лајчак за да се создаде „алтернативно сценарио во кое половина од договорот нема да се спроведе“.
„Во наредните денови дефинитивно ќе имам средби со сите меѓународни фактори кои ја прифатија државата Косово и кои сакаат да ни помогнат и поддржат во демократското државно градење, социо-економскиот развој, но и со меѓународните признанија, особено во однос на нормализирање на односите со Србија. Сега имаме решение: тоа е Основниот договор и де факто меѓусебно признавање“, рече Курти.
На прашањето дали ќе побара смена на Лајчак од функцијата специјален пратеник, Курти рече дека ќе поднесе извештај до Европската Комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.
„Верувам дека тоа што го кажавме во последните денови, а особено денеска е повеќе од доволно тој да одговори (пред европските институции)“, рече Курти.
Последната рунда од дијалогот на високо политичко ниво се одржа на 14 септември во Брисел, но високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, оцени дека е „неуспешен“, бидејќи косовскиот премиер Курти „не прифатил компромисно решение“.
Во меѓувреме, косовскиот премиер изјави дека тој е единствениот кој го ставил на маса предлогот за имплементација на договорот за нормализација на односите, кој беше демантиран од Европската Унија. Документот, за кој европската страна тврди дека на јунскиот состанок им бил претставен на партиите, датира од 19 јули.