Косовскиот премиер Аљбин Курти му порача на пратеникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак дека казнените мерки на ЕУ против Косово се неправедни и дека поради нив дијалогот е асиметричен.

Тој констатираше дека одржувањето вонредни избори во четирите општини со српско мнозинство на северот е единствениот начин да се смени локалната власт.

Курти се сложува со барањето на меѓународната заедница да се одржат нови избори, но истакна дека прво мора да се обезбеди фер и слободна кампања „без закани и повторен бојкот со слаб одзив“.

Србите последните избори на северот на Косово ги бојкотираа и не ги признаваат резултатите, односно новите градоначалници од албанската заедница.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, разговарал за начините за смирување на тензиите на северот на Косово и за спроведувањето на претходно постигнатите договори.

Вучиќ на својот Инстаграм со фотографии од средбата во Белград напиша дека го предупредил Лајчак дека Србите во Косово и Метохија „се изложени на најлошата тортура и прогон во последните 15 години“.