Американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер денеска изјави дека претседателот Доналд Трамп е решен да ја заврши војната во Украина и оти САД напорно работат на изнаоѓање решение што може да донесе траен мир.
– Се надеваме дека разговорите во Абу Даби ќе создадат услови за започнување на овој ангажман во блиска иднина, како дел од поширок мултилатерален процес. Ние се фокусиравме на четири меѓусебно поврзани приоритети: прекин на борбите, развој на кредибилни повоени безбедносни гаранции и аранжмани кои го намалуваат ризикот од обновување на судирите, подготовка на сеопфатен економски и просперитетен план за Украина и унапредување на хуманитарните мерки за ублажување на последиците од војната, објави Кушнер на платформата Икс.
Кушнер најави дека тој и Стив Виткоф, пред трилатералниот состанок во Абу Даби, ќе имаат средба со партнерите од Украина, ЕУ, НАТО, Германија, Франција, Велика Британија и Италија за да продолжи координацијата за европската безбедност и повоената иднина на Украина.
– На крај, постигнувањето сеопфатен и траен договор ќе бара директен ангажман од Русија и нашите европски партнери, наведе Кушнер.
Според него разговорите во Абу Даби ќе доведат до следната фаза од преговорите.
– Ова е исклучително тежок и сложен конфликт. Ги препознаваме тешките одлуки што претстојат и пристапуваме кон овие дискусии со решителност и реализам. Се надеваме дека ќе постигнеме значителен напредок, ќе воспоставиме практичен напредок и ќе помогнеме во создавањето услови за траен мир, потенцира Кушнер.
Утре во Обединети Арапски Емирати почнуваат дводневни трилатерални разговори помеѓу Украина, САД и Русија. Во Абу Даби Европа ќе биде претставена во формат Е3 (Франција, Германија и Велика Британија) од советници во владините кабинети. Франција ќе биде претставена од Емануел Боне, шеф на дипломатската служба во Елисејската палата. Исто така, ќе присуствуваат и Гинтер Заутер, дипломатски советник на германскиот канцелар Фридрих Мерц и Џонатан Пауел во име на Велика Британија. Европската комисија ќе биде претставена од Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на Урсула фон дер Лајен.
