Еден од основните елементи за стекнување (и утврдување) граѓански статус на одредено лице во државата е тоа да биде заведено во матичните книги, односно да има можност да добие извод од споменатите книги, во кои задолжително се наведени личното име и матичниот број.

Врз основа на тие документи, изводи од матичните книги ( на родени, венчани и умрени) понатаму низ животот лицето може да остварува различни граѓански права во државата, докажувајќи дека е нејзин граѓанин. Секоја манипулација со ваквите документи, во кои податоците за лицето што се наведени во нив се сметаат за веродостојни, претставува казнено дело.

Тргнувајќи од таквата законска поставеност, неверојатно звучи информацијата дека, според извршената ревизија во 2019 година од Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Управата за водење на матичните книги, е констатиран кусок од 94.451 извод во матичните книги во Скопје, Тетово, Ресен, Гостивар и во Прилеп. Односно, ДЗР утврдил дека за толку обрасци на изводи не се наплатени ниту административни такси, а Управата за водење на матичните книги не водела ниту материјална евиденција за набавените и издадените изводи по сериски број. За овој случај алармира претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој бара истрага за утврдување на состојбата и обвинение како исход на истрагата.

– СМК бара истрага и обвинение за хаосот во Управата за водење на матичните книги според извршената ревизија во 2019 година од Државниот завод за ревизија, за констатираниот кусок од 94.451 извод во матичните книги во Скопје, Тетово, Ресен, Гостивар и во Прилеп, за кои не се наплатени ниту административни такси, за кои Управата за водење на матичните книги не водела материјална евиденција за набавените и издадените изводи по сериски број, поради што не може да се следат и контролираат издадените изводи – наведува Петров во една своја колумна, во која истовремено бара и „ревизија на книгата на државјани и матичните книги на родени, венчани и умрени од 1990 година, поради злоупотреби за фалсификување пописни и изборни резултати, имајќи предвид дека Избирачкиот список по автоматизам се ажурира со сите полнолетни од книгата на државјани“.

Кусокот од речиси 100.000 обрасци на изводи од матичните книги, според универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски, наведува првично на сомнеж дека или бесплатно се делеле изводи, со што директно е оштетен државниот буџет, или дека некој направил фалсификат.

– Секаков сомнеж во работата на Управата за водење на матичните книги, поврзан со кусок од илјадници изводи е многу сериозна ситуација, без разлика дали изводите се издавале без да се наплати, или дури можело да бидат искористени и за фалсификување податоци. Индикации за незаконско дело има во двата случаи: доколку не биле наплатени административните такси – оштетен е државниот буџет, а неуредната евиденција остава простор за сомнеж во веродостојноста на податоците во тие издадени изводи. Генерален принцип е дека податоците во јавните исправи (во кои влегуваат и изводите од матичните книги) се веродостојни и за нив гарантира државниот орган што ги издава. Јавните исправи имаат многу силна доказна моќ! Ако некој го тврди спротивното од наведеното во јавните исправи, тоа треба и да го докаже. Каков било сомнеж во работата на органот што ги издава тие документи остава простор за компромитација и на веродостојноста на податоците во нив. Доколку се утврдени неправилности во работата на Управата за водење на матичните книги, треба да реагираат Обвинителството или Државната комисија за спречување корупција – вели професорот на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски.

Во Државната комисија за спречување корупција досега не добиле претставка, или укажување за констатираниот кусок од 94.451 извод на матичните книги од ДЗР при ревизијата на Управата за водење на матичните книги.

– Информацијата за неевидентиран кусок на изводи од матичните книги е многу индикативна. Ние, како ДКСК, досега немаме добиено ни укажување ни претставка за ваков случај, но таквите откритија од ревизорски извештај првично наведуваат на ситуација дека се издавале изводи „подрака“. Тоа е дело што наведува на злоупотреба на работната позиција. По утврдувањето на целосната слика, не се исклучени и други имплицирани дела – вели за „Нова Македонија“ претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Според Тодор Петров, кој алармира за ревизорскиот извештај, хаосот при водењето на книгата на државјани и на матичните книги, односно на личните карти и пасоши, се злоупотребува за демонтажа на македонската држава, но истовремено ја зголемува и недовербата на јавноста за валидноста на пописните и изборните резултати, без ревизија и бришење на сите незаконски уписи.