Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак денеска ќе престојува во Приштина, што е негова прва посета на регионот по средбата во Брисел на крајот од минатиот месец, на која европските лидери се обидоа да ја промовираат нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово.

Иако претседателот на Србија и премиерот на Косово Александар Вучиќ и Албин Курти беа оптимисти по средбата во Брисел, прифаќајќи го планот за нормализација на односите што го подготвија Германија и Франција и поддржан од другите членки на ЕУ и САД, беше најавено дека допрва треба да се договорат деталите .

Лајчак освен со претставниците на владата во Косово ќе се сретне и со лидерите на опозициските партии, а потоа ќе отпатува за Белград.

Пред оваа средба Лајчак рече дека очекува страните да се договорат за начинот на спроведување на договорот од 27 февруари од Брисел.

„Очекуваме двете страни да се договорат за патот на имплементацијата, а треба да се подготват и за конструктивни предлози врз основа на нашиот текст. Очекувам дека за ова ќе разговараме со премиерот Албин Курти и со претседателот Александар Вучиќ за време на нивната посета во Приштина и Белград“, рече Лајчак, пренесува Фена, повикувајќи се на косовските медиуми.

На средбата во Брисел на 27 февруари, лидерите на Србија и на Косово го поддржаа предлогот на ЕУ за нормализација на меѓусебните односи и изразија подготвеност да започнат со негово спроведување.

Потоа, Александар Вучиќ изјави дека се’ додека е претседател на Србија, нема да потпише ниту формално, ниту неформално признавање на Косово, ниту негово членство во ОН, додавајќи дека тоа им го кажал на сите европски и светски лидери.

По враќањето од Брисел и двајцата лидери се соочија со остри критики на опозицијата. Курти беше критикуван дека прифатил да се формира заедница на српски општини на Косово, а Вучиќ беше обвинет за предавство на Косово и државните и национални интереси.

Американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер истакна дека Соединетите Американски Држави се загрижени поради противењето на претставниците на косовската опозиција на европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Исто така, германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, ги повика опозициските партии во Косово да го поддржат француско-германскиот план и додаде дека заедницата на српски општини и е оставена на владата на Курти како „наследство“ од претходните влади, која се состоеше на денешните опозициски партии.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Едвард Прајс изјави дека Соединетите Американски Држави сакаат предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија на крајот да резултира со взаемно признавање.

„Сметаме дека нормализацијата на односите треба да се заснова на конечно меѓусебно признавање. Ова е процес што го води ЕУ. САД го поддржуваат на секој можен начин. Присутни сме во овие разговори преку Габриел Ескобар, кој активно учествуваше со партиите и ќе продолжиме да правиме се што можеме за да го поддржиме овој процес“.

Посетата на Лајчак во Косово и Србија на крајот на февруари ја најави Службата за надворешни работи на ЕУ, а ја организира пред посетата на регионот високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.

Следната средба на Курти и Вучиќ е закажана за 18 март во Охрид.