Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека дијалогот меѓу Москва и Вашингтон за решавање на украинската криза е заглавен во „маѓепсан круг“, обвинувајќи го Западот дека продолжува со политика на обуздување и слабеење на Русија.
Во интервју за руски медиуми, Лавров оцени дека западните земји никогаш не ја криеле намерата да ја ослабат Русија, да ја распарчат и да ги оддалечат нејзините соседи од соработка со Москва.
Тој посочи дека речиси една година нема напредок во разговорите за Украина и тврди дека САД досега не успеале да извршат влијание врз Киев за прифаќање на предлозите што, според него, биле разгледувани на претходни средби.
Лавров ја критикуваше и Европската Унија, оценувајќи дека европските држави не се подготвени да поддржат решение што би излегло надвор од нивната контрола. Тој повторно ја обвини Европа за, како што рече, русофобичен пристап кон Русија.
Во однос на односите со САД, рускиот министер изрази подготвеност за нормализација, но нагласи дека досегашните иницијативи и предлози не дале конкретни резултати.
Лавров се осврна и на состојбите на Блискиот Исток, оценувајќи дека Вашингтон се соочува со сложена ситуација во односите со Иран, додека Русија, според него, поддржува продолжување на дијалогот меѓу двете земји, објави „Скопје1“.
