Бугарскиот премиер Румен Радев од самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват порача дека позицијата на Софија останува непроменета и дека проширувањето на Европската Унија треба да се одвива според сопствените достигнувања на земјите кандидати. Според него, тоа подразбира длабоки реформи во правосудството, владеењето на правото, човековите права и градењето добрососедски односи.
„Нашата позиција е дека не треба да внесуваме наследени политички и историски проблеми внатре во европското семејство. Верувајте дека ќе продолжиме да стоиме зад оваа позиција“, изјави Радев, поздравувајќи го напредокот на Црна Гора и напорите на Албанија на патот кон членство во ЕУ.
Тој ги повика и останатите земји од Западен Балкан да го следат примерот на овие две земји доколку сакаат да постигнат сличен резултат. Радев нагласи дека Бугарија секогаш била, како што рече, еден од главните двигатели на процесот на проширување и интеграција на земјите од регионот, бидејќи тоа го смета за инвестиција во безбедноста и стабилноста на Европа.
Според Радев, принципот на сопствени достигнувања е клучен и не смее да биде нарушен поради актуелната геополитичка состојба. „Не можеме да си дозволиме да ги компромитираме Копенхашките критериуми за членство. Ако сега вештачки и со брзање ги ‘изгаснеме’ тие проблеми, тие по неколку години ќе се појават во европското семејство. Ние не сакаме тоа да се случи и нема да го дозволиме“, рече тој.
На прашање за европската интеграција на Македонија, Радев повтори дека уставните измени остануваат услов за продолжување на процесот. „Единственото нешто што треба да го направи Северна Македонија е да ги впише Бугарите во Уставот, за да почне преговори со ЕУ. Подготвени сме да помогнеме на секоја земја што аплицира за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија“, изјави Радев.
Тој додаде дека Софија очекува Македонија да ја исполни преговарачката рамка и да ги вклучи Бугарите во Уставот. „Многу е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес“, порача Радев.
