Франција беше преголем залак за ракометна Македонија, па Европското првенство 2024 го отворивме со пораз во Дизелдорф. Фаворитот тргна послабо, меѓутоа и покрај тоа убедливо славеше против нашиот национален состав (39-29). По натпреварот своето гледиште за одиграното го сподели Милан Лазаревски, кој кажа:

„Тешко е да се биде задоволен со пораз како спортист несомнено, но како и да е од овој меч може да извлечеме позитивни работи. Имаме уште четири дена до следниот натшревар. Беше прекрасно да се игра пред ваква публика и атмосфера, благодарност до нашите навивачи. Бевме ние рамноправни во еден момент, но дојде до израз силата и брзината на Франција.

Планот ни беше одличен, ама брзоплетите грешки на стартот на вториот дел кога игравме седум на шест, продадовме неколку топки евтино и така се направи разликата. Ако го тргнеме на страна резултатот, Французите не беа толку поквалитетни од нас како што диктира нивното име. Има повеќе позитивни работи од негативни по овој натпревар за нас“.

Сега следува преселба во Берлин, каде што на 14 и 16 јануари се закажани натпреварите со Германија и Швајцарија.