Селекторот на машката ракометна репрезентација Кирил Лазаров ги стартуваше подготовките пред двомечот со Чешка за пласман на СП 2023 година.

Од понеделник во националниот тим ќе му се приклучат Филип Миркуловски, Филип Кузмановски и Жарко Пешевски, како и голманот Никола Митревски.

Лазаров и неговиот стручен штаб веќе ја анализираа Чешка и неговиот прв впечаток за стариот познаник е полн со многу респект.

-Дојдовме до тоа што го посакувавме, последен бараж пред СП. Чешка е сериозна репрезентација која имаше многу добар настап на ЕП. Им недостигаше спортска среќа да направат чудо, да ги елиминираат финалистите, Шведска и Шпанија. Тоа е репрезентација за респект, репрезентација која лично мене ме изненади како го одигра тоа ЕП, но и покрај тоа тие го сменија селекторот. Значи мислат дека можат уште подобро. Тоа ни покажува дека се работи за амбициозна селекција која во последните години правеше добри резултати. Се сеќаваме на 2018 на ЕП и во 2020 имаше забележителен настап. Така што, не чека тежок предизвик, мислам дека треба добро да ги искористиме овие 3-4 дена, добро да се подготвиме, прокоментира Лазаров.

-Нема потреба да ја споредам Чешка со Романија, можам да кажам дека за 15-20% е повоиграна репрезентација, иако не треба да се занемари квалитетот на Романија. Нема да не уплаши тоа, напротив, ќе се подготвиме добро, имаме јасна идеја. Можеби ѝ ја препуштаме фаворитска улога на Чешка, но ние сакаме пласман на СП и подготвени сме да го дадеме нашиот максимум да се пласираме. Мислам дека многу ќе значи уште еден настап на големо натппреварување за оваа нова Македонија. Ние ќе сториме се, ќе се подготвиме. Доста ја анализиравме Чешка, иако малку ќе ни биде чудно затоа што немаме никаков материја со новиот селектор. Сепак како што во повеќе наврати сум кажувал, така и сега ќе кажам, ние треба да се сконцентрираме на нас самите. Она што е добро да го задржиме, она што ни фалеше во минатиот период да го подобриме. Мислам дека сме во нагорна линија, мислам дека сме на добар пат да ги искористиме овие 3-4 дена, дополни селекторот.

Македонија игра за своето осмо Светско првенство шесто едноподруго и можеби за последен пат со Лазаров во играчкиот состав.