Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, ги одбра ракометарите кои вечерва ќе ѝ се спротивстават на Португалија (19 часот) во меч од квалификациите за ЕП 2024, кој ќе се одигра во салата „Борис Трајковски“., објави Спорт1.
Во составот со кој ќе се обидеме да направиме изненадување очекувано ќе се најде Мартин Велковски, како и повратниците Марко Мишевски и Марко Митев. Оние кои отпаднаа од комбинација и не добија место во 16-те се Кизиќ, Ќосевски, Младеновиќ и Аларов.
За овој двомеч, предводникот на националниот тим ќе го има можеби најмладиот тим во историјата со само неколку искусни ракометари. Главна причина за ова е фактот што Манасков и Георгиевски не добија повик, Талески од приватни причини нема да настапи, додека поради повреди отпаднаа и пелистерците Пешевски, Танкоски и Павле Атанасијевиќ.
Македонија и Португалија досега се имаат сретнато двапати во последната деценија и тоа во квалификациите за ЕП во 2014, кога двете селекции ги одбранија домашните терени и извојуваа убедливи победи. Обете репрезентации квалификациите ги почнаа со две победи, против Луксембург и Турција со што се речиси пласирани на следниот континентален собир.