Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров на денешната прес-конференција пред заминувањето за Краков, каде што ќе водат нова мундијалска битка, истакна дека се вложени многу труд, ентузијазам и борба за да се дојде до посакуваното СП.
-Покажуваме квалитет и што е најважно имаме свој идентитет. На добар пат сме и се надевам дека за брзо време Македонија ќе стане Норвешка која е една од најдобрите репрезентации. Нашиот најсилен состав е колективот, нашиот адут е колективот, максимална борба сите 60 минути, квалитетна ротација без разлика дали играл некој 5, 15 или 55 минути треба да се поддржуваме и имаме јасна цел, вели селекторот.
Лазаров побара од навивачите да ги поддржат момците. Истакна дека е задоволен од подготовките, но и малку загрижен поради здравствената состојба на Николче Митревски и Филип Талевски.
-Вчера го одработија првиот тренинг, се во добра состојба, ама ќе бидеме претпазливи. Двајцата не се на 100%, меѓутоа се надевам дека како ќе поминува времето, ќе бидеме комплетни. Треба да бидеме претпазливи како ќе ги дозираме сите играчи. Не смее да бидеме еуфорични кога ќе победиме, не смееме да тагуваме кога ќе загубиме. Имаме една нова Македонија, посочи Лазаров.
Македонската експедиција утре ќе отпатува за Краков, Полска каде ја очекуваат натпревари со Норвешка (13 јануари), Холандија (15 јануари) и Аргентина (17 јануари).