Скопје без вода или лажна вест за проблеми во снабдувањето. Во СВР Скопје не стигнала никаква пријава за Фејсбук статусот објавен на нивната официјална страна дека речиси целата метропола по 17 часот ќе нема вода за пиење. Од Јавното претпријатие, велат дека ќе постапуваат против лицата кои шират неточни информации. Зошто пак никој не е пријавен во полиција, засега од Водовод без одговор.
Скопјани во паника, во маркетите купуваа вода, други полнеа шишиња, бидејќи немаше никаква информација дали и до кога ќе се работи на главната водоводната цевка во Рашче.
Дали може би станува збор за хакерски упад во ФБ страната на Водовод, од полицијата велат во секторот за компјутерски криминал нема стигнато пријава од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
Зошто никој не е пријавен во полиција, засега не се знае. Директорот на Водовод Виктор Панчевски не одговара на телефонските повици и пораки. Од неговиот кабинет се повикуваат на соопштението кои беше испратено пред полноќ.
„За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе превземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје. Сите населени места во градот Скопје ќе бидат целосно и редовно снабдени со вода за пиење“, пишува во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“.
Според првичната информации – речиси цел град требаше да остане без вода за пиење, а во некои реони ќе има намален притисок. По неколку часа ваквата вест беше избришана од официјалната ФБ страна.
Извор: МРТ