Убиството на тој ден се поклопи со големиот христијански празник Велики четврток.
Убиени беа четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски кој тогаш имаше 45 години, од селото Црешево.
Судот на 23 февруари оваа година, пресуди дека бегалците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се виновни за тероризам и ги осуди на казни доживотен затвор, а иста казна доби и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Хаки Азири е осуден за две кривични дела помагање на сторител по извршено кривично дело, за што доби единствена казна во траење од 9 години. Фејзи Аризи, пак, беше осуден за помагање на сторител по извршено кривично дело на 15 години затвор. Судот го офрли обвинението за Сами Љута.
Премиерот Заев и лица блиски до СДСМ постојано наведуваа дека по преземањето на власта од страна на нивната коалиција, ќе биде откриена „целосната вистина“ за убиствата кај Смилковско, тврдејќи дека поседуваат материјали кои ќе го откријат истото. Такви снимки никогаш не беа објавени, а оние кои беа слушани во судницата не покажаа ништо различно од она што беше првично соопштено дека се случило.
Во завршниот збор за случајот „Монструм“ за масакрот кај Смилковско Езеро, обвинителката Фатиме Фетаи потенцираше дека прислушуваните разговори, поради кои СЈО ја доби надлежноста врз случајот и тој беше вратен на почеток, не открија нова или поинаква вистина за петкратното убиство.
Некои од родителите на убиените момчиња, токму поради оваа причина во текот на постапката рекоа дека „Зоран Заев е поголем монструм и од убијците“.
По новата пресуда за случајот, протестираа и семејствата на осудените убијци.
Тие открија дека претседателот Стево Пендаровски уште кога беше дел од протестите на Шарената револуција, на роднините на осудените убијци од „Монструм“ им рекол дека ако се дознаела вистината за случајот, можно е да настанала војна, открива Бедри Ајдари, роднина на еден на осудените.
– За време на протестите на шарена револуција во 2016 година пред Собранието се сретнавме со Стево Пендаровски, сегашен претседател, тогашен пратеник. Го прашавме што се случува со „бомбите“ за „Монструм“. Пендаровски ни рече цитирам: „На еден состанок присуствуваше еден Американец кој ми рече дека за „Монструм“ ќе се поттикне војна, со тоа што ќе разберат луѓето кои се вистинските убијци и кои се нарачателите и виновниците. Тогаш сите заедно, и Македонци и Албанци ќе отидат пред влада и ќе има крвопролевање, затоа што ќе сакаат Груевски да го фатат за гуша и да го прашаат зошто го нарача овој монструозен чин, кој ќе доведе до војна“. Ова му го кажувам јавно на Пендаровски тука во ова студио, а можам да го кажам и било каде, рече Ајдари.