Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на својот фејсбук профил објави видео во кое му се обраќа на Јон Фрчкоски. Во објавата, Лефков најави дека денес ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) против Фрчкоски и неименувани лица. Тој побара од надлежните институции да истражат што навистина стои зад јавно објавените фотографии и изјавата на Фрчкоски: „Си пробал? Те сликале.“

Лефков во својата пријава бара да се испитаат евентуалните дејствија опфатени со член 215 и 216 од Кривичниот законик, како и да се утврди дали постојат основи за примена на член 364, кој се однесува на непријавување кривично дело. Тој категорично ја отфрли клеветата од Фрчкоски, нагласувајќи:

„Немам слабост ниту кон алкохол, ниту кон наркотични средства. Никогаш не сум користел наркотични средства и тоа е факт. Мојот најважен тест се моето семејство и моите пријатели. Ако мислиш дека сум направил кривично дело, повели, пријави ме.“

Во продолжение, Лефков истакна разликата помеѓу него и Фрчкоски, нагласувајќи дека тој стои одговорно за своите зборови и постапки.

„Ти и оние малкумина кои застанавте околу Филипче се искршивте плукајќи и клеветејќи, мислејќи дека така ќе се вратите на власт и ќе продолжите да користите наркотици по канцеларии. Тоа нема да ви го дозволи народот, не јас“, рече Лефков.

На крајот, тој предупреди дека со актуелната Влада нема играчки и дека ако институциите утврдат дека има кривично дело, одговорните ќе сносат последици. „Јон, доаѓа тешко време за оние што живеат со и од пороците. Од денес, ова не е фејсбук тема. Ова е тема за институциите.“