Градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, на денешната прес-конференција истакна дека општината активно работи на подобрување на условите за живот и развој на туризмот. Целта е Крушево да стане атрактивна спортско-туристичка дестинација. Чонески објасни дека во изминатиот период се реализирани бројни проекти, кои опфаќаат различни области, вклучувајќи патната и комуналната инфраструктура, водоснабдувањето и уредувањето на јавните простори.
„Еден од нашите приоритети е подобрувањето на патната инфраструктура во Општината“, рече Чонески, нагласувајќи дека во тек е изградбата на пристапната улица до скијачките терени. Оваа улица ќе овозможи побезбеден пристап до важна туристичка локација и ќе се поврзе со идната обиколница околу Крушево, која е во фаза на тендерска постапка. Чонески очекува дека реализацијата на обиколницата ќе го олесни сообраќајот, особено за тешките товарни возила.
Паралелно со овие активности, се изработува техничка документација за подобрување на патната инфраструктура во населените места, а се продолжува и со ревитализација на локалните улици во градот. Во тек е и изработка на сообраќаен проект кој ќе обезбеди дополнителни паркинг места и ќе регулира режимот на сообраќај во централното подрачје, со цел подобро функционирање во периодите со зголемен број посетители.
Чонески истакна и важноста на квалитетното водоснабдување, наведувајќи дека се работи на студија за намалување на загубите на питка вода. Завршена е реконструкцијата на пумпната станица за водоснабдување, а во тек е тендерска постапка за замена на хидро и електро опремата. Дополнително, општината работи на модернизација на Јавното комунално претпријатие, со нови возила за собирање отпад и нов ровокопач-натоварувач.
Во насока на подобрување на животната средина, започнува процес на селекција на комуналниот отпад, а планирано е и изградба на центар за селекција на отпадот. Чонески истакна дека општината имплементира проекти за зајакнување на позицијата на Крушево како дестинација за активен туризам, со нови полетувалишта за параглајдинг и уредување на спортско-рекреативниот центар Гумење.
„Започнуваме и со реконструкција на Крушевската чаршија, која е важен дел од нашата туристичка понуда“, додаде Чонески. Во завршна фаза е и техничката документација за реконструкција на Градскиот пазар.
Општината работи и на создавање планска основа за идниот развој, со Генерален урбанистички план и документација за изградба на канализациони системи. Со поддршка од Министерството за спорт, ќе започне изградба на нова спортска сала, што ќе биде значаен чекор за позиционирање на Крушево како дестинација за спортски туризам.
„Нашата цел не е само да реализираме поединечни проекти, туку чекор по чекор да создадеме подобра инфраструктура и нови можности за развој на Крушево“, заклучи Чонески.
