Еве денеска од прилика имаме повторно сликата која што ни се повторува во држава во која што имаме сѐ, само нема правда. Затоа што во текот на вчерашниот ден побаравме од Јавниот обвинител да биде овде за да можеме да му поставиме прашање иако претседателот на Собранието нѐ извести дека е поканет сѐ уште нема одговор и ги нема овде во салата. Прашањето е дали воопшто Јавниот обвинител смее да се појави, дали воопшто Јавниот обвинител смее да дава одговори на прашањата кои што сакаме да му ги поставиме и тие прашања се практично прашања од македонската јавност меѓутоа еве ќе се снајдеме, ќе функционираме со она што располагаме. Прашањата кои што требаше да бидат поставени до Јавниот обвинител ќе ги поставам до вицепремиерката за добри практики, Славица Грковска и второто прашање ќе биде упатено директно до премиерот Ковачевски, истакна Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница на пратенички прашања.
„Првото прашање, да бидеме директни и да не го губиме времето ќе започнеме со еден документ кој што е преземен од Отворени финансии. Од овој документ може да се види дека од Владата на Република Македонија поточно директно од министерството со кое што раководи Артан Груби, оној кој што се потпишува како прв вицепремиер се префрлани парични средства директно на неговиот брат Ветон Груби. Односно за какви политики на добро владеење ќе разговараме во Македонија, за каква борба против корупција кога видовме дека Јавниот обвинител не смее ни да се појави овде за да му ги поставиме овие прашања. А, од Јавни финансии, од изводите од Јавни финансии јасно се гледа текот на средства како од Владата завршуваат во фирмата „ЕТЦ Травел“, сопственост на братот на Артан Груби, или првиот вицепремиер“, рече Лефков.
Лефков ја запраша Грковска дали ги оправдува ваквите однесувања. И дали смета со ова исполнети критериумите на членот 5 од Етичкиот кодекс за однесување на членови на Владата. Дали согласно членот 72 став 1 била известена за ваков судир на интереси.
„Второто прашање беше директно до Јавниот обвинител затоа што сметам дека многу е сериозна корупцијата во тендерите за надзор за изградба на коридорите 8 и 10Д. Меѓутоа за жал целата македонска јавност виде дека над 22 милиони евра се сериозно, сериозно компромитирани од врските кои што се појавуваат помеѓу премиерот на Владата, господинот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби. Кога го нема Јавниот обвинител, ајде Вие директно премиере да ми ги одговорите овие прашања, дали сметате дека треба веднаш да се отвори истрага за надзорот вреден 22 милиони евра затоа што условите под кои што се тендерирани се менувани во сред постапка и за фирма загубар за да може да го добие тендерот. Сомнежи за местење на тендер се изнесувани преку најразлични медиуми, а ги гледаме дека државата и оние кои што треба да се борат против корупција претежно мислев на Јавното обвинителство молчат. И токму поради тоа имаме ниска доверба во Обвинителството“, нагласи пратеникот.
Лефков го запраша Ковачевски да објасни како недостасуваат документи за ангажман на 23 експерти. „Електра Солушн“ наведеле дека имаат 32 вработени, а според Годишната сметка која што се пријавува во Централен регистар се само двајца.