Пратеникот Драган Ковачки, денеска, на седницата за пратенички прашања рече дека поседува документ од специјалист психијатар, според кој министерката за одбрана, Славјанка Петровска, секојдневно користи седативи и дискутабилно е дали може одговорно да ја извршува функцијата.

„На министерката за одбрана, во согласност со извештајот од специјалист психијатар, цитирам: Ѝ се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалени внимание и концентрација, има проблеми во мислењето, збунета е и конфузна, има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала. Почитуваната министерка, според извештајот, чувствува бесцелност на својата активност и залагања и цели три месеци има повторувачки слики, опседната е, постојано е напната, често има немир и нарушен сон. Министерката сама доброволно се јавила за преглед и доброволно ги вршела психијатриските прегледи, се констатира дека има оптоварен мисловен процес. На министерката ѝ е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи“, рече тој на собраниската говорница.

Според Ковачки, не може да му се издаде безбедносен сертификат на лице што страда од ментална или емоционална состојба, која може да предизвика значителни недостатоци на неговото расудување или доверливост и може да го направи лицето потенцијален безбедносен ризи .

„Министерката не искористила ниту еден ден боледување, одела на работа и не чувствувала потреба да поднесе оставка и покрај констатираниот наод, а премиерот може и да не знаел дека во Владата има таков министер.

Тој го праша Ковачевски дали смета дека поради сето ова, Петровска треба да биде разрешена.

Министерката за одбрана најави низа тужби за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, и порача дека е здрава и стабилна да одговори на сите прашања, исто како што е здрава и стабилна да одговори на сите лаги што пратеникот упорно ги изнесува.