Вчера новинарите го фатија Бојан Маричиќ како користи државно, службено возило за партиски настан. Службените возила коишто имаат и свој возач се сопственост на државата, на народот и се платени од народни пари и не смеат да бидат користени на начин на којшто ги користи, и тоа замислете вицепремиер за евроинтеграции, вака пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков за време на денешната прес конференција одговори на новинарско прашање во врска со вчерашниот случај со вицепремиерот Бојан Маричиќ кој со службено возило беше да се потпише за кандидатот на неговата партија за претседател.
„Нека каже еден пример каде функционери од Европската Унија вака злоупотребуваат службени средства. Очигледно е дека не се прави разлика буџет, сопствен џеб. Не се прави разлика меѓу сопствени и државни возила и помеѓу партијата и државата“, потенцираше Лефков.
Тој исто така упати апел и до ДКСК да реагира за оваа злоупотреба и го повика Маричиќ да одговори уште за колку партиски активности во текот на вчерашниот ден го злоупотреби службеното возило.
„Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупција веднаш да реагира за тоа што Маричиќ беше однесен во подрачната единица на ДИК за да го даде својот потпис на Пендаровски, што е чиста партиска активност, а Маричиќ може да одговори дали со тоа службено возило беше и на партискиот настан во Кавадарци и уште на колку партиски настани во неработниот ден, односно вчера е злоупотребено службеното возило“, истакна Лефков.